Претставници од Синдикатот на Бучим Радовиш, Македонија, минатата година реализираа успешна работна посета на српскиот синдикат во Бор – Zijin Bor Copper, Република Србија. Оваа посета претставуваше значаен чекор кон зајакнување на меѓусиндикалната соработка и размена на искуства помеѓу двете организации.
Оваа година, со особено задоволство, Синдикатот на Бучим беше домаќин на претставници од синдикатот на Бор, кои остварија возвратна посета на рудникот Бучим. Во рамки на посетата беше организирана детална обиколка на рудникот, при што гостите имаа можност одблиску да се запознаат со технолошките процеси, начинот на организација на работата, како и со безбедносните стандарди кои се применуваат во секојдневното работење.
Посебен акцент беше ставен на размената на искуства поврзани со заштитата при работа, унапредувањетона работните услови и справувањето со предизвиците со кои се соочуваат работниците во рударскиот сектор.
Ваквите средби се од исклучително значење, бидејќи овозможуваат продлабочување на соработката, размена на добри практики и градење на заеднички пристапи кон подобрување на работничките права и услови за работа.
Синдикатот на Бучим останува посветен на развој на вакви партнерства, со јасна цел – унапредување на благосостојбата и правата на работниците.





