Панел дискусија во пресрет на 18-тиот Конгрес на СИЕР – Охрид, 25 септември 2026
Во пресрет на 18-тиот Конгрес на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР), на 25 септември 2026 година се одржа панел дискусија посветена на предизвиците и можностите што ги носи праведната транзиција. Дискусијата беше реализирана со поддршка на Олоф Палме од Шведска, а на неа учествуваа претставници од Еко Свест – Скопје, МКЦ и Општина Битола.

Во фокусот на дискусијата беа влијанијата на енергетската транзиција врз работниците, работните места и локалните заедници, особено во регионите зависни од јаглен и индустријата.
Беше истакнато дека работниците мора навремено и транспарентно да бидат информирани за плановите и промените поврзани со енергетската транзиција. Прашањата за иднината на работните места, преквалификацијата и доквалификацијата, потребните вештини, новите работни места и социјалната сигурност мора да бидат дел од процесот уште од неговиот почеток.

Посебно внимание беше посветено на Пелагонискиот и Југозападниот регион, каде зависноста од јагленот, ограничениот број алтернативни работни места, стареењето на работната сила и иселувањето на младите претставуваат значаен предизвик за идниот економски и социјален развој.
На дискусијата беше нагласено дека работниците и синдикатите не треба да бидат само информирани за веќе донесени одлуки, туку активно да учествуваат во нивното креирање. Потребно е воспоставување редовен, транспарентен и суштински социјален дијалог меѓу работниците, синдикатите, компаниите, Владата, локалната самоуправа и другите засегнати страни.

Праведната транзиција треба да отвори можности за создавање нови зелени и достоинствени работни места, преквалификација и доквалификација на работниците, развој на нови индустрии и подобрување на условите за живот и работа.
Една од клучните пораки од панел дискусијата е дека информирањето, дијалогот и учеството на работниците мора да бидат првата фаза на праведната транзиција.

Успехот на транзицијата не треба да се мери само преку намалувањето на емисиите и развојот на обновливите извори на енергија, туку и преку тоа дали работниците и локалните заедници ќе добијат сигурност, нови можности, достоинствени работни места и подобар квалитет на живот.

Работниците и локалните заедници мора да бидат во центарот на процесот, бидејќи транзицијата може да биде одржлива само ако е и праведна.




