По двонеделното одлагање на испитното рочиште, судот на 29.ноември одлучи: Фени Индустри оди во стечај.
Доверителите имаат рок од 15 дена за пријавување на побарувањата, почнувајќи од 1.декември, а извештајното рочиште и Собрание на доверителите се закажани за 11.јануари 2018 година.
Заинтересираните инвеститори подготвуваат понуди, но работниците останаа во незавидна положба. Не е исплатена платата за октомври, а веќе доспева и ноемвриската плата. Неизвесно е кога и како ќе се исплатат. На средбите во Владата и кај банките синдикалците беа уверувани дека ќе се најде начин за исплата на овие плати. Работниците поставија рок: доколку плата за октомври нема до понеделник до пладне, ќе биде блокирана раскрсницата кај Дреново во периодот од 12 до 14 часот. Претходната недела најавија дека се спремни и на поголеми облици на притисок, како намалување на снагата на печката и сл. Сепак, сите би сакале да добијат плата, па да нема потреба од протести. Важно е и тоа сите да бидат ангажирани, како и до сега, на одржување на постројките, како што е важно да нема пречки во стечајната постапка и што пократко да трае неизвесностс за нивната и судбината на фабриката.
Во организација на Европската синдикална федерација ИНДУСТРИОЛ во Братислава се одржа Транснационална конференција под мотото „Заедно сме посилни„. Учествуваа претставници на синдикатите –членки на федерацијата од западноевропските и од регионот. Од Македонија беа присутни СИЕР и СТКЧ.
Конференцијата беше организирана за да се претстават искуствата во организирање нови членови и да се оствари директна соработка меѓу синдикатите од домицилните земји и земјите каде инвестираат мултинационалните компании. За таа цел ИГ Метал веќе отпочнал т.н. Транснационална партнерска иницијатива –ТПИ со помош на која во Унгарија се организирани работниците кои работат во фабриките на Ауди и Мерцедес, на пример.
Меѓународните синдикални федерации ја имаат сериозно сватено потребата од помош на синдикатите во ЈИЕ за организирање на нови членови, за што нудат помош и соработка. Соработката најдобро ќе се остварува директно меѓу синдикатите од земјите од каде доаѓаат инвеститорите и СИЕР, односно другите синдикати од ЈИЕ. Но, за тоа мора да постои заинтересираност и иницијатива од наша страна.
СИЕР секако ќе ја искористи оваа можност и веќе се направени првичните контакти со синдикати од Белгија и Германија. Јасно е дека во глобализацијата капиталот постојано се сели, барајќи подобри погодности и наметнувајќи субстандардна и несигурна работа, ниски плати и т.н. Затоа трудовите стандарди мора да се доближуваат колку што е можно повеќе кон оние од повисокоразвиените земји, што е примарен интерес на работниците и заради што се основаат меѓународните синдикани асоцијации. На глобализирањето на капиталот мора да се одговори со глобализација на трудот и трудовите стандарди.
СИЕР, кој во програмата за работа секогаш давал приоритет на прашањето за организирање на работниците, има особен интерес да направи заеднички акциски планови за организирање со синдикатите од Западна Европа. За остварување на тие планови ветена е конкретна помош како во процесот на подготовка (тренинг на организатори, планирање конкретни активности) така и во спроведувањето на планираното.
На рочиштето одржано на 13.11.2017 година во судот во Велес извршниот директор на Фени Индустри побарал да се преиспита надлежноста на судот, со оглед дека најголемите доверители и предлагачи за стречајната постапка, односно банките, имаат седиште во Скопје.
Врховниот суд на 16.11.2017 годдина истото барање го отфрли, така што надлежноста на судот во Велес е неспорна и се очекува закажување на ново рочиште за отворање на стечајот.
Во меѓувреме, синдикатот ги прави сите напори да се обезбеди редовна исплата на платите за работниците и да се продожи одржувањето на печката во активна сосотојба. За таа цел се одржа уште еден состанок со потпретседателот на Владата Анѓушев на кој беа прецизирани барањата на работниците за задржување на редовните примања и што побрзо рестартирање на фабриката.
Работниците се најзаинтересирани Фени да продолжи со работа со кој и да е инвеститор, кој ќе ги задржи сите нив на работа. Според наши сознанија има заинтересирани инвеститори, кои се спремни веднаш да започнат со работа, што дава надеж дека работата во фабриката наскоро нормално ќе продолжи. Но до расчистување на сите непознаници, неизвесноста за работниците продолжува.
Долгогодишната соработка со данскиот Синдикат 3Ф продолжи во 2017 година со одржување на два семинари, првиот во јули, а вториот минатиот викенд, 10-12.ноември.
Петмина синдикални претставници од различни нивоа во синдикатот (од подружница, до регионален претставник) ги споделија своите искуства со дваесетина синдикални претставници од нашите синдикални организации. Семинарот всушност беше замислен токму како размена на искуства и учење едни од други, а не само како образовна активност.
Број 03-78/1
08.11.2017 г.
С к о п ј е
До
Претседателот на Владата на РМ
Господин Зоран Заев
ПРЕМЕТ: Фени Индустри
Почитува господине Премиер,
Незадоволни од развојот на настаните во врска со судбината на Фени Индустри и крајно загрижени за својата егзистенција и опстанок, денес вработените излегоа на протест пред филијалите на банките-кредитори на фабриката во Кавадарци. За утре е најавена блокада на магистралниот пат Градско-Прилеп кај крстосницата Дреново, а во понеделник протестот ќе се одвива пред судот во Велес, кој ќе одлучува за евентуална стечајна постапка.
Работниците се крајно разочарани што се отстапи од првобитниот концепт и се погазија сите ветувања дека стечајот нема да биде употребен во разрешување на проблемите и продажбата на Фени Индустри. Тие целосно изгубија доверба во институциите, со оглед дека сите ветувања се изјаловија и сега им се нуди стечајна постапка како најдоброто решение, за која никој неможе да претпостави колку ќе трае, ниту како ќе заврши.
Работниците бараат да не се отвора стечајот, туку решението да се бара низ предстечајните активности, особено ако има заинтересирани инвеститори, како што се кажува.
Затоа ве молиме да закажете заедничка средба во најкус можен рок со учество на претставници на банките-кредитори, на синдикатот, на раководството на Фени Индустри (во моментов – Енекод, или кој било овластен) и на кои било релевантни учесници за надминување на оваа состојба и изнаоѓање брзо, задоволително и одржливо решение за Фени Индустри.
Синдикатот се обидува да ја контролира ситуацијата и да не дозволи радикализација, но работниците не сакаат ни да слушнат да го предадат комбинатот за кој и во минатото истрајно се бореле и го одржале, без борбата. Мораме да напоменеме дека расположението е такво, што доколку наредната недела се отвори стечајот, протестите ќе се преселат пред Владата на РМ.
Очекуваме да бидеме известени за терминот за средба и ви благодариме за разбирањето.
Со почит,
Претседател,
Пецо Ристески
Извор: http://www.libertas.mk/rabotnitsi-od-feni-protestiraat-pr/
Работници од „Фени индустри” денеска во Кавадарци одржаа протест пред филијалите на неколку банки за, како што рекоа, да го искажат своето незадоволство поради покренување на барање за стечајна постапка од страна на најголемите доверители Стопанска банка, Комерцијална банка и Силк Роуд банка.
– Ги молиме за разбирање за нашата многу тешка ситуација. Бараме да се вложат до максимум и да помогнат во решавање на нашиот проблем. „Фени” од почеток на своето постоење претрпел неколку вакви кризни моменти, но никогаш не бил во ваква поволна ситуација, како што е сега, кога имаме неколку заинтересирани инвеститори, за што добро се информирани и нашите главни доверители т.е. банките, рече Ѓоре Палитов, претседател на Синдикалната организација.
Сега во момент кога никелот е 13.000 долари за тон, нагласи, за нас, па и за секој разумен човек не би требало да биде прифатлив стечај.
За нив како вработени, рече, воопшто не е важно кој ќе биде новиот инвеститор.
– Единствено што е важно за нас и значи живот за нас и нашите семејства е да продолжиме со работа без прекин. Затоа сакаме уште еднаш да ги потенцираме нашите барања. Нашата компанија да не оди во стечај, да се исплаќаат нашите лични доходи во целост и за цело време до моментот на продажба да имаме статус на вработени во нашата компанија, нагласи претседателот на Синдикатот