СИЕР НА СИТЕ СВОЈ ЧЛЕНОВИ, ДЕЛОВНИ ПРИЈАТЕЛИ, СОРАБОТНИЦИ И СИТЕ ГРАЃАНИ ИМ ГИ ЧЕСТИТА ПРЕСТОЈНИТЕ НОВОГОДИШНИ И БОЖИЌНИ ПРАЗНИЦИ СО ИСКРЕНИ ЖЕЛБИ ЗА ПРЕД СЕ МНОГУ ЗДРАВЈЕ, СРЕЌА РАДОСТ, УСПЕСИ И БЕРИКЕТ ВО НОВАТА 2019 ГОДИНА И СИТЕ ЖЕЛБИ ДА БИДАТ СТВАРНОСТ.
ВОЕДНО САКАМЕ ДА ГИ ИЗВЕСТИМЕ СИТЕ СВОЈ ЧЛЕНОВИ, ПАРТНЕРИ И СОРАБОТНИЦИ ДЕКА КАНЦЕЛАРИИТЕ НА СИЕР ЌЕ БИДАТ ЗАТВОРЕНИ ЗА ВРЕМЕ НА НОВОГОДИШНИТЕ И БОЖИЌНИТЕ ПРАЗНИЦИ ОД 31.12.2018 ДО 08.01.2019 ГОДИНА ПОРАДИ КОРИСТЕЊЕ НА КОЛЕКТИВЕН ОДМОР.
СРЕЌНА И БЕРИКЕТНА НОВА 2019 ГОДИНА И СРЕЌЕН БОЖИЌ
На 24.12.2018 година Советот на СИЕР ја одржа својата редовна седница на која расправаше за актуелните промени на законите од трудово-социјалната свера.
На седницата беше поканет и присуствуваше и претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Членовите на Советот на СИЕР беа запознати со промените во Законот за работни односи, кои сé уште се усогласуваат со Владата и Организацијата на работодавачи на Македонија. Исто така, беа запознати со промените во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и новиот Закон за данок на личен доход. Неизбежна беше и темата на Општиот колективен договор, за кој во ССМ се подготвува текст за преговори со работодавачите. Покрај овие, на дневен ред во Собранието на РМ е нова измена во т.н. „закон за стечајците“ со кои ќе остварат право на траен надоместок и отпуштените работници од Еурокомпозит Прилеп.
Владата предложи донесување на измени во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување по скратена постапка. Предлогот е ставен на дневен ред на 66.седница на Собранието на РМ.
Според предложените измени, придонесот за пензиско-инвалидско осигурување ќе се зголеми од 18% на 18,8%, а придонесот за здравствено осигурување ќе се зголеми од 7,3% на 7,5%. Зголемувањето ќе оди постапно,во 2019 и во 2020 година. Според пресметките, за нето плата од 20.000 денари трошокот за придонеси во 2020 година ќе биде поголем за 407 денари.
Собранието ги усвои измените на Законот за пензискои и инвалидско осигурување. Измените најповолно се однесуваат на работниците кои работат на места со бенифициран стаж.
Според новото законско решение, намалувањето на старосната граница ќе се смета пропорционално според целокупниот бенифициран стаж од сите работни места на кои работникот работел. Не важи повеќе одредбата дека морале да се исполнат одреден број години на одредено работно место. На пример, за да добие намалување на старосната граница за една година, работник кој работи на работно место со бенифиција 12/15 мораше да исполни цели 5 години, во спротивно не се сметаше никакво скратување. По новото решение, колку и да работел работникот на тоа работно место, пропорционално се пресметува намалувањето на старосната граница.
Законот веќе стапи на сила. Фондот за ПИО има доставено упатства до подрачните единици. Работниците со бенифициран стаж самите можат да проверат како измените на законот влијаат на нивниот конкретен случај.
Претседателството на СИЕР ја одржа својата 8.седница на 31.10.2018 година. Расправаше за актуелни теми поврзани со процедурите на измени на законската регулатива и за тековни состојби во организациите на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство.
Како што е познато, пред неколку месеци започнаа процедурите за измена на Законот за работни односи, Законот за пензиско-инвалидското осигурување, беше усогласен износот на минималната плата, а се промени и Законот за материјално обезбедување на работниците од претпријатијата со доминантна државна сопственост. Некои закони (како ЗРО, ЗПИО) одат во редовна процедура, па синдикатите можат да учествуваат во постапката за усогласување, како и во јавната расправа. На тој начин, особено во врска со Законот за работните односи, СИЕР самостојно и во содејство со ССМ имаше свои предлози и забелешки, кои воглавно беа прифатени во текот на усогласувањето на текстот помеѓу социјалните партнери.
После многуте штрајкови и протести, после „кампирањата“ пред Владата на РМ и цврсто изречените заложби за решавање на проблемите на последниот „загубар“, вработените во Еурокомпозит „11.Октомври“ од Прилеп се и понатаму во целосна неизвесност.
Струјата им е исклучена подолго време и нема услови за никакво производство. Пријавен е список на вработени на кои договорите за вработување ќе им престаната од деловни причини („технолошки вишок“), но нема средства да им се исплати испратнината согласно законот, кој вели дека испратнината се исплаќа со денот на отказот. Од друга страна, овие работници не би можеле да остварат право на материјално обезбедување како сите стечајци и технолошки вишоци од државните претпријатија, ако не им престане работниот однос од деловни причини и не остварат право на надомест од Агенцијата за вработување.
Информациите од Владата велат дека има заинтересирани инвеститори за ова наменско претпријатие, но очигледно не може да се постигне посакуваната динамика, така што неизвесноста продолжува.
Работниците побаруваат неисплатени нето плати и придонеси, за кои Владата вели дека ќе се исплатат од страна на инвеститорот, откако ќе се отвори претстечајна постапка, односно постапка за избор на најдобар зинтересиран купувач. Иста судбина би имале и испратнините за отпуштените работници, што значи дека тие би се исплатиле подоцна. За да се прават сите планирани постапки, Владата смета дека прво треба фирмата да се ослободи од вишокот вработени. Но, вработените тешко се разуверуваат дека работиве ќе се средат на предвидениот начин, особено што се свесни дека никој не може да даде никакви гаранции.
Во ваква ситуација, не се исклучени повторни протести, особено бидејќи отказниот рок веќе завршува.