Синдикалните претставници на Еурокомпозит 11.Октомври, заедно со претседателот и генералниот секретар на СИЕР остварија средба со премиерот Зоран Заев на 24.10.2017 година. Премиерот  ги сослуша барањата на работниците, кои се однесуваат на итна исплата на заостанатите плати, но исто така и на решавање на проблемот со неплатените придонеси за повеќе од 5 години, како и изнаоѓање одржливо решение за претпријатието од наменската индуатрија.

Барањата на работниците беа сосем разбирливи за премиерот, со оглед на состојбата во која се наоѓаат и големиот број неземени плати. Тој ги претстави чекорите кои Владата ги подготвува за изнаоѓање на системско и одржливо решение за Еурокомпозит.

 

Премиерот нагласи дека се разгледуваат проблемите од сите аспекти и Владата би била заинтересирана да го задржи Еурокомпозит во државна сопственост доколку тоа биде оценето како најдобро решение за иднината и да инвестира дополнително за да се добие здраво и успешно претпријатие.

Во меѓувреме, работниците ќе добијат една плата од буџетски извори, како и обртни средства за да моѓе да се преживува до донесувањето на конечните одлуки. Платата ќе биде исплатена наредната недела.

Се размислува и за решавање на превработеноста преку проширување на опфатот во Законот за материјално обезбедување невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата со што трајно би се решило прашањето на над стотина лица од Еурокомпозит. Исто така, Владата ќе го затвори и стажот за сите вработени за периодот од 2012 година наваму, за што ќе се преземат потребните чекори.

Синдикалните претставници ја поздравија определбата на Владата за системски пристап и трајно решавање на проблемот со претпријатието кое со години е маргинализирано и доведено до оваа состојба на загрозена егзистеницијата како на претпријатието, така и на вработените. Еурокомпозит може добро да работи со добро раководење и домаќинско работење, така што доколку постои политичка волја од страна на Владата за решавање на проблемот, може да се очекува и одржливо решение за претпријатието.