Вработените во Југохром Алзар беа напросто затечени со одлуката на раководството да го запре производството поради решението на Министерот за животна средина и просторно планирање. Не помина еден месец од потпишувањето на колективниот договор, кога раководството ги изнесе оптимистичките планови за производство и подобри денови за работниците, а наместо тоа дојде до гасење на печките.

На работниците им се прелеа чашата. Тие не беа на работа во јануари и февруари годинава и останаа без никакви примања, бидејќи сите имаат договори на кратки рокови. Свесни се дека условите за „чисто„ производство, без загадување на животната средина, не се исполнети. Меѓутоа, се сигурни дека неработењето нема да го реши проблемот со загадувањето на Тетово, каде нивото на загаденост не се намали воопшто кога Југохром не работеше. Освен тоа, државата поставува услови и рокови за изградба на филтрите, а истата не успеа да издаде дозволи за градба подолго од 6 месеци. Затоа, работниците се најреволтирани што немаат никаква вина за ваквата ситуација, а треба да ги понесат најтешките последици.

 

Синдикатот одлучи ова незадоволство да се изрази преку протест и двочасовна блокада на најфреквентниот автопат во државата. На 12.ноември (сабота) од 10 до 12 часот работниците заедно со своите семејства ќе бидат таму. Со неработењето на Југохром страдаат пред сé семејствата, кои остануваат без единствената егзистенција.

Протестот ќе биде првиот чекор, а од поставените барања нема да отстапиме, велат синдикалците. БАРАМЕ:

- Да се повлече забраната за работење, а институциите конечно и точно да утврдат кои се изворите на загадување за да можат да преземаат соодветни мерки

- Работниците да го задржат работниот статус до повторно вклучување на печките, односно да не се прекинуваат договорите за работа

- Изградбата на филтрите да се забрза за што е можно поскоро да има услови за нормално работење.

Добро би било еднаш работниците да не бидат жртва на неисполнувањето на обврските од страна на работодавачот и немањето одговор за енормното загадување од страна на државата.

Придружи ни се

Капитал Банка