Во соработка со шведскиот Меѓународен Центар Улоф Палме, со кој СИЕР веќе трета година остварува соработка, во рамки на проектот ПОАКТИВЕН СИНДИКАТ=ПОМОЌЕН СИНДИКАТ, СИЕР организираше конференција насловена Иницирање проактивност на жените вработени во индустријата. Конференцијата се одржа во Хотел Пела, Охрид во периодот 02-04.06.2022 год.
СИЕР е синдикат кој ги опфаќа индустриите , каде за жал, има низок процент на вработени жени, но се стреми кон зголемување на членството преку синдикално организирање на новите индустриски капацитети во Македонија кои се занимаваат со производство на делови за автомобилската индустрија, каде бројот на жени е многу голем.
Според последните статистички податоци , во структурата на членовите на СИЕР жените учествуваат со 14%. Целта на конференцијата е да се зголеми учеството на жените во синдикалните структури, а со тоа да дадат свој придонес во подобрување на положбата на жените во компаниите во однос на – отстранување на сите облици на дискриминација, нивна подршка во колективното преговарање, обезбедување на еднакви можности и права за сите како и подобрување на положбата на жените во општеството.
Голема благодарност до предавачите на конференцијата- Нита Старова од ФЕС, која се осврна на темата - Социјална положба на жените во Македонија, Ирина Пандиловска Митрев, адвокат на тема - Проблемите на дискриминацијата воопшто и во работните односи во Македонија и Маре Анчева од СИЕР на тема- Учество на жените во креирањето на синдикалните и родови политики во СИЕР.
На оваа конференција покрај претставнички од СИЕР, беа присутни и претставници од ИФ Метал од Шведска, Самостојниот синдикат на металците и Гранскиот синдикат на металците Независност од Србија, Независниот синдикат Метал Електро и Синдикатот Металици од Бугарија,, како и претставници од Улоф Палме Центарот. За жал претставничките од синдикатот ПРО-ГЕ од Австрија не можеа да присуствуваат поради откажување на летовите на виенскиот аеродром. Учесничките на конференцијата несебично споделија искуства од нивните земји и организации.
Се надеваме дека оваа конференција е само почеток во организирање на жените и превземање на чекори кон подобрување и зголемување на интересот на жените за активно учество во синдикалното движење.