После многуте штрајкови и протести, после „кампирањата“ пред Владата на РМ и цврсто изречените заложби за решавање на проблемите на последниот „загубар“, вработените во Еурокомпозит „11.Октомври“ од Прилеп се и понатаму во целосна неизвесност.

Струјата им е исклучена подолго време и нема услови за никакво производство. Пријавен е список на вработени на кои договорите за вработување ќе им престаната од деловни причини („технолошки вишок“), но нема средства да им се исплати испратнината согласно законот, кој вели дека испратнината се исплаќа со денот на отказот. Од друга страна, овие работници не би можеле да остварат право на материјално обезбедување како сите стечајци и технолошки вишоци од државните претпријатија, ако не им престане работниот однос од деловни причини и не остварат право на надомест од Агенцијата за вработување.

Информациите од Владата велат дека има заинтересирани инвеститори за ова наменско претпријатие, но очигледно не може да се постигне посакуваната динамика, така што неизвесноста продолжува.

Работниците побаруваат неисплатени нето плати и придонеси, за кои Владата вели дека ќе се исплатат од страна на инвеститорот, откако ќе се отвори претстечајна постапка, односно постапка за избор на најдобар зинтересиран купувач. Иста судбина би имале и испратнините за отпуштените работници, што значи дека тие би се исплатиле подоцна. За да се прават сите планирани постапки, Владата смета дека прво треба фирмата да се ослободи од вишокот вработени. Но, вработените тешко се разуверуваат дека работиве ќе се средат на предвидениот начин, особено што се свесни дека никој не може да даде никакви гаранции.

Во ваква ситуација, не се исклучени повторни протести, особено бидејќи отказниот рок веќе завршува.